Машката кошаркарска репрезентација на Македонија во наредните пет дена ќе ги одигра последните два натпревари од претквалификациите за ЕП 2029.
Во дуелите со Ирска утре во Скопје, и три дена подоцна на гостувањето кај Луксембург, македонските репрезентативци ќе се обидат да го одржат максималниот ефект, а со тоа и да го потврдат пласманот во следната квалификациска рунда.
„Факт е дека половина од тимот ќе биде нов, но нашиот фокус е кон натпреварот со Ирска. Ќе дадеме сè од себе да победиме и ќе играме максимално ангажирано.
Се надевам на победа, затоа што верувам дека сме подобар тим од ривалот кој ни доаѓа во Скопје“, вели крилниот кошаркар на македонската селекција, Ваљмир Какруки.
Утрешниот натпревар меѓу Македонија и Ирска што ќе се игра во салата Лазар Лечиќ во скопскиот градски парк ќе почне во терминот од 18 часот.




































