Ненад Димитријевиќ повторно е дел од македонската сениорска репрезентација. Тој ќе ја предводи репрезентацијата во августовскиот ФИБА прозорец, во кој Македонија гостува кај Австрија во Виена.

Димитријевиќ верува дека Македонија има доволно време за квалитетна подготовка и заедничка работа пред гостувањето во Виена.

„За селекцијата на Австрија знаеме дека е сериозна екипа која игра ‘ран ен ган’ кошарка. Мислам дека е незгоден ривал, но имаме осум до девет дена да се спремиме заедно за мечот и да одиме во Виена на таа посакувана победа“, вели Димитријевиќ.


Во разговорот за составот на Македонија, Димитријевиќ се осврна и на новото решение под кошевите. По повредата на Итан Хап, во националниот тим пристигнува Мозес Рајт, со кого Димитријевиќ очекува добро партнерство.

„Претходно под кошевите Итан Хап го имавме како сериозен и квалитетен играч, но несреќа беше неговата повреда, тоа ни беше хендикеп во претходните квалификации со Естонија. Сега го добиваме Мозес Рајт, преквалитетен играч. Се надевам дека ќе бидеме добар тандем и со останатите играчи ќе дојдеме до успех.“

Повторното враќање во репрезентативниот дрес за Димитријевиќ има и дополнителна тежина. Целта е Македонија да се избори за настап на следното Европско првенство, а искусниот бек не крие дека сака уште еднаш да биде дел од европскиот шампионат со националниот тим.

„Наша цел е настап на следното Европско првенство, за мене тоа ќе биде последна шанса да играм на еден евро-шампионат со Македонија и ќе дадам сè од себе да го оствариме тоа.“

Македонската репрезентација има јасна цел, максимално подготвена да отпатува во Виена, за да оствари важна победа против Австрија.