Женската кошаркарска репрезентација на Македонија попладнево во Букурешт против Романија ги започнува претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.

Националниот тим влегува во овој циклус со нов селектор, младиот стратег Виктор Петровски, и со целосно подмладен состав.

Од репрезентативниот дрес се збогуваше досегашната прва петорка која со години беше носител на играта. Во составот повеќе ги нема искусните: Анџелика Митрашиновиќ, Ивана Кметовска, Александра Стојановска, Мерит Хемпе и Илина Селцова.

Селекторот Петровски повика 14 кошаркарки со просечна возраст од само 22,2 години, меѓу кои шест се родени во 2009 и 2010 година. Најискусни во овој ростер се Сања Адамовска, Цветанка Димова и Марија Митева, додека најмлада е талентираната Теа Трајковска.

Денешниот натпревар Романија – Македонија ќе почне од 18 часот. Во сабота во Штип ќе гостува селекцијата на Естонија.

Пласман во следната фаза обезбедуваат првопласираните селекции од трите групи и најдобрата второпласирана репрезентација.