Денеска Македонија го слави 35. роденден, а една од најубавите спортски честитки пристигна за нејзиниот 20-ти роденден.

На 8 септември 2011 година, македонските кошаркари ја совладаа Грузија со 65:63 на Евробаскетот во Литванија. Со оваа победа Македонија се пласира во четвртфиналето.

Натпреварот во Вилнус донесе драма до последната секунда, а неговиот епилог стана дел од најубавите страници во македонската кошаркарска историја. При резултат 63:63 и само две секунди до крајот, топката дојде до Лестер Бо Мекејлеб. Човекот за големи моменти повторно ја презеде одговорноста. Мекејлеб тргна во својот препознатлив продор, ја проби грузиската одбрана и погоди за 65:63. Следуваше експлозија од радост на македонската клупа и трибините, а победата доби дополнителна тежина поради датумот на кој беше остварена.

Македонија тогаш го славеше својот 20-ти роденден, а репрезентацијата ѝ подари победа која тешко можеше да биде посимболична.

Мекејлеб натпреварот го заврши со 27 поени и беше убедливо најефикасен кошаркар на теренот. Сепак, неговите последни два поена беа оние што се паметат. А Мекејлеб не застана тука. По натпреварот, во атмосферата на големото славење, упати честитка до Македонија со зборовите:„Да живее Македонија!“.

Само три збора, но доволни да ја доловат еуфоријата што ја носеше македонската кошаркарска репрезентација, особено по враќањето во татковината.

Но, тој 8 септември остана запаметен по нешто многу поголемо од пласманот. Остана запаметен по чувството дека една спортска победа може да го разубави најголемиот државен празник.

Петнаесет години подоцна, Македонија повторно го слави 8 септември. Овојпат 35 години независност.