Селекторот Жозеп Марија Берокал и неговите асистенти ги дочекаа репрезентативците во „Т Арената“ во Скопје.

Машката сениорска репрезентација на Македонија од вечерва, ја започна завршната фаза од подготовките за претстојниот натпревар со Австрија. Тој ќе се игра на 30 август во Виена, со почеток во 16:05 часот.
Со Ненад Димитријевиќ и новајлијата Рајт, Македонија ќе оди на гостувањето во Австрија.
Во пресрет на важниот дуел, избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал ќе го реализираат целокупниот подготвителен период во Скопје, во „Т Арената“. Таму во наредните денови ќе ги одработат планираните тренинзи и тактички подготовки.

Програмата во Скопје продолжува со две тренинг-сесии во вторник, од 10 и од 18 часот. Во среда е предвиден еден тренинг, од 12 часот, со дел од програмата посветен на видео-анализа и опоравување.
Во четврток следуваат теретана, видео-анализа и тренинг, а ден подоцна македонската репрезентација ќе замине за Виена. Летот е предвиден за 12:35 часот, по што во попладневните часови ќе биде реализиран и првиот тренинг во австриската престолнина.
Во Виена ќе следи уште една тренинг-сесија во сабота од 15:45 часот, по што во недела доаѓа главниот предизвик – натпреварот со Австрија, со почеток во 16:05 часот.
Програмата во денот на натпреварот предвидува утринска активација, видео-анализа и последни подготовки пред заминувањето кон арената.
Пред македонските репрезентативци е важен предизвик во втората рунда од претквалификациите за Евробаскет 2029. Наредните денови во „Т Арената“ во Скопје ќе бидат искористени за максимална подготовка и фокус пред заминувањето за Виена.
































