Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа го заврши својот настап на фучерс турнирот во Трнава. Лина е поразена од Вероника Ерјавец од Словенија со 2-0 во сетови во четвртфиналната рунда.

Мечот што траеше 91.минута го одбележаа дури 11-те брејка, а за нијанса подобро се снајде Словенката. Таа уште на самиот старт го одзеде сервисот на Лина за водство од 1-0, по што го забуби својот во четвртиот гем. Лошо играа двете тенисерки на свој сервис, па во продолжението имаше уште четири бреака за Словенката да го реши сетот во своја полза со 6-3.

Иако во вториот сет Лина стартуваше со бреј, а имаше и предност од 3-0, тетовката тоа не го искористи. Ги загуби следните два свои сервиси и и дозволи на противничката да израмни, а потоа и поведе (3-3, 3-4). Во десеттиот гем Ѓорческа спасуваше две сет-меч топки, но не успеа и третата. Ерјавец го доби сетот со 6-4, а мечот со 2:0.

Инаку 24-годишната Словенка е подобро рангирана од Ѓорческа на ВТА листата. Ерјавец е на 176-тото место, а Лина на 213-тото.