Лина Ѓорческа не успеа да се пласира во четвртфиналето на ИТФ фјучрс турнирот во W50 Трнава што се игра за награден фонд од 40.000 долари.

Таа денес во мечот од 2.коло загуби од 18-годишната тенисерка од Филипини Александра Еала (180.место). Мечот што траеше 85 минути македонската тенисерка го загуби во два сета со 6-4 и 6-2.

Во првиот сет имаше само еден брејк и го направи Еала во 10-тиот за водство од 1:0 во сетови.

На почетокот на вториот сет, нашата тенисерка имаше можност да направи брејк за водство од 1:0, но не успеа. Втората брејк топка не ја искористи ниту во седмиот гем, па ривалката поведе со 5:2. Филипинката го доби и следниот за конечни 6-2 и 2:0 во сетови.

Ѓорческа со пласманот во второто коло ќе освои нови шест поени.

За следната недела нашата тенисерка е пријавена за настап на уште еден турнир во Трнава, од рангот W75 Трнава. Засега Лина е во групата на тенисерки кои ќе треба да играат квалификации.