Ракометарите на Тиквеш не успеаја да ја мината пречката во второто коло од Европскиот куп на ЕХФ.

Вечерава во реваншот загубија од австрискиот тим Кремс со 33:25 (17:13). На првиот дуел во Кавадарци, македонскиот претставник победи со 33:29 што се покажа како недоволно за пласман во следната рунда.

Домашниот тим од самиот почеток ја анулира предноста на кавадарчани и по не цели 10 минути игра имаше водство од 6:1.

Тиквеш резултатски се врати кога намали на12:9, но сепак на полувреме се замина со 17:13 колку што беше предноста на Тиквеш од првиот дуел.

Во второто полувреме Кремс постојано ја зголемуваше предноста. Во еден момент имаше +12 (30:18), па до крајот кавадарчани само го ублажија високиот пораз.

Најефикасен на дуелот беше Тим Рожман од Кремс со 8 голови.

Кај Тиквеш Кристијан Анастасовски, Страхиња Симиќ и Марко Мајиќ постигнаа по 5 голови. Голманите на Кремс имаа вкупно 19 одбрани.