Македонскиот тенисер Калин Ивановски триумфираше во мечот од првото коло од квалификациите на Челинџер 100 турнирот што се игра во романскиот град Јаши. Тој беше подобар од Брендон Волкин од Австралија (791.место АТП) со 2-0 во сетови (62 62). Мечот траеше 1 час и 25 минути.

Утре во финалното квалификациско коло Ивановски ќе игра Романецот Дан Александру Томеску, кој со 2-0 во сетови (64 62) го совлада Молдавецот Ила Снитари.

До победата Ивановски стигна на идентичен начин во двата сета кои ги доби со 6:2 во гемови. Во првиот сет веднаш на стартот направи брејк за водство од 1:0, а потоа и во седмиот гем повторно направи брејк за 5:2 и со два брејка сетот го заврши со четири гема разлика. Идентична беше сликата и во вториот сет кога македонскиот тенисер имаше два брејка повторно во првиот и седмиот гем од сетот. За одбележување е и тоа дека во петтиот гем од првиот сет се водеше голема борба и беа одиграни 18 поени.

Ивановски имаше одличен процент на освоени поени на прв сервис 93% (25/27) и притоа ги спаси трите брејк топки на свој сервис, а имаше добра реализиација на брејк шансите 4 од 11.