Македонските дублови кои настапија денеска на фјучрсот во Скопје го завршија својот настап. По голема борба и маратонски меч Берк Бугариќ и Калин Ивановски загубија од вторите носители Французите Саша Жумар Вајенбург, Антоан Оанг со 2-1 во сетови, притоа нашите тенисери во вториот сет во тај брекот не искористија три меч топки.

Првиот сет Ивановски и Бугариќ го добија во тај брекот, но одлично го почнаа мечот и поведоа со 4:0 и 5:1, но ривалите направија серија од пет гема за водство од 6:5, но сепак Калин и Берк се изборија за 6:6. Во тај брекот резултатот беше 7:5 на поени за нашите тенисери.

Во вториот сет немаше предност ниту еден од дубловите и повторно се решаваше во тај брекот. По водството од 2:0 за Ивановски и Бугариќ, противниците поведоа со 3:2 и по 6:5 за Французите двојките се менуваа едните имаа сет топка, а другите меч топка. Во таква ситуација Французите ја искористија петтата сет топка.

Во решавачкиот сет француската комбинација поведе со 5:0 во поени, што беше тешко достижно.

Голема борба за пласман во второто коло водеа и нашите млади тенисери Амар Хусеиновиќ и Филип Стојановски, кои загубија од Грците Христос Антонопулос и Јоанис Ксилас (Грција) со 2-1 во сетови. Првиот сет го добија Амар и Филип со 7:6 во тај брекот 7:2 на поени. Вториот сет им припадна на Грците со 6:3, додека во решавачкиот сет беше 13:11 на поени, а нашите тенисери пропуштија шанса за триумф.

Бесир Дургути и Томислав Јотовски загубија со 2-0 во сетови од Рајан Голсворти и Џејмс МакКинли од Велика Британија. Првиот сет Британците го добија со 6:2, а во вториот беше 6:4.

Пораз од 2:0 во сетови претрпеа и македонските тенисери Елдин Хусеиновиќ и Марко Стоилковски, кои загубија од Стефанос Скиас (Грција), Ханс Алберт Шуберт (Чиле). Првиот сет заврши во тај брек со 7:3 на поени, додека во вториот беше 6:3 за грчко-чилеанската комбинација.

Од македонските тенисери победа во двојки избори само Обрад Марковски, кој заедно со хрватскиот тенисер Вито Тонејц ги победија Тибо Колсон и Кристофер Хејман од Белгија со 2-1 во сетови.