Белградски Партизан е вториот тим по Црвена Звезда што обезбеди пласман во финалето на регионалната АБА лига. 

Ова откако црно-белите ја добија „мајсторката“ со љубљанска Цедевита Олимпија и со 2:1 во победи ја решија во своја полза полуфиналната серија. Вечерва на дуелот во Белград, Партизан славеше со 90:71. 

Со одличниот старт во кој домаќините поведоа со 14-2, јасно дадоа до знаење дека гостите нема што да бараат на овој натпревар. Кошаркарите на Партизан го добија сите четири периоди од натпреварот 24-16, 17-14, 24-23 и 25-18 и сосема заслужено се радуваа на победата. 

Најефикасен во победничката екипа беше Ледеј со 17, додека Нанали постигна 12 поени. 

Така за шампионскиот трофеј во АБА лигата ќе се борат лутите ривали Партизан и Црвена Звезда во серијата што ќе се игра во три добиени натпревари. Првиот е закажан за 12-ти, вториот ќе се игра ба 14-ти, а третиот на 17-ти јуни. Датумите на можните четврти и петти натпревари се 19 и 22 јуни.