По младинската и јуниорската, дојде редот и на кадетската машка кошаркарска репрезентација на Македонија. Од денеска до 16 август, Скопје, Македонија ќе биде домаќини на евро-шампионатот за кошаркари до 16 години. 

Селекторот Нермин Пепиќ потенцира неколку битни моменти пред почетокот на Европското првенство од Дивизијата „Б“.

„Генерално сум задоволен од подготовките.

Најбитно е дека екипата е комплетна, немаме повредени играчи и сите се спремни да го дадат својот максимум. Исто така ми е особено важно играчите да бидат максимално мотивирани, и да не ни недостасува желбата за победа бидејќи играме на домашен терен и пред нашата публика.

На сите нас треба да ни е јасно дека е гордост да се бранат боите на Македонија, и дека репрезентацијата е над сите. Само така, заедно сплотени можеме да обезбедиме што е можно подобар пласман“, вели селекторот на нашата кадетска репрезентација.

Пепиќ вели дека знаат доста работи за ривалите во групата, но оние дополнителните ќе следуваат во текот на шампионатот, кој ќе се игра во двете сали на Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.

„Имаме информации за противниците.

И иако тоа не се некои звучни репрезентации, можам да кажам дека сите располагаат со некаков квалитет и секој натпревар очекуваме да биде неизвесен“,

дополнува Пепиќ

СИСТЕМ ЗА НАТПРЕВАРУВАЊЕ

Селекциите се поделени во четири групи (две со пет, и две со шест). Од нив првопласираните две, од секоја група, ќе обезбедат пласман во четвртфиналната рунда. Преку неа ќе се бараат идните учесници во поквалитетната „А“ дивизијата.

Во вториот дел кој почнува на 14.август, ќе се играат елиминациски натпревари според системот (А1-Б2, Д1-Ц2, Б1-А2, Ц1-Д2). Четирите победници во четвртфиналето, обезбедуваат пласман во полуфиналето, поразените ќе разигруваат за пласман од 5. до 8. место.

Националните тимови кои првата фаза ќе ја завршат на третото односно на четвртото место ќе играат за пласман од 9 до 16.место, додека оние кои ќе бидат петто односно шесто пласирани, ќе разигруваат за позициите од 17 до 22 место.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

Македонската репрезентација сите натпревари ќе групната фаза ќе ги игра во терминот од 18.30 часот, во СЦ „Јане Сандански“. Првиот, денеска, е против врсниците од Кипар.

Утре (8 август), Македонија ќе игра против Ирска, а во сабота (9 август) противник е Полска.

По еден ден одмор, на 11.август, нашите кадети ќе ги одмерат силите со селекцијата на Босна и Херцеговина. Групната фаза од првенството ќе ја затвориме на 12.август, со натпреварот против репрезентацијата на Словачка.

Сите натпревари ќе може да ги ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ОВДЕ (линк) 

Следете нé на социјалните мрежи