Машката младинска ракометна репрезентација на Македонија го претрпе и вториот пораз на Светското првенство што се игра во Полска. Поуспешни од македонските младинци беа нивните врсници од Романија, кои славеа победа со 28:27, на полувреме беше 17:12 за Македонија.

По изедначениот почеток на дуелот, Македонија успеа да се одлепи со резултатска предност од 2-3 гола. Избраниците на селекторот Раде Стојановиќ, по еден мирен период на игра стигнаа и до предност од шест голови 14:8, а на полувреме беше 17:12.

Во вториот дел во воведниот дел Македонија успеваше да ја задржи предноста, но потоа дојде пад во играта пред се во нападот и проблеми со реализацијата и противникот го искористи тоа и успеа да изедначи на 24:24. Во финишот по 26:26, Романија постигна два гола, од кој вториот под пасивен напад, а до крајот на дуелот македонските ракометари само го намалија резултатот.

Со овој втор пораз Македонија ги загуби шансите за борба за пласман, па така ќе разигрува од 17 до 32.место. Во вториот дуел од групата Д, Фарски острови – Исланд 35:35.

По два одиграни натпревара Романија е прва со 4 бодови, пред Фарски Острови со 3, Исланд има 1 бод, а Македонија е без бод.

Утре е слободен ден, а во сабота Македонија игра против Исланд.