Македонскиот претставник во Европскиот куп и Куп освојувач на Македонија Алкалоид в сабота го игра реванш дуелот од осминафиналето од ова натпреварување. По убедливиот триумф во првиот натпревар од 44:32 во Италија ракометарите на Алкалоид со „една нога се во четвртфиналето“.

Сепак по ваквиот расплет тренерот Кирил Лазаров повикува на внимателност.

Постигнавме висока и убедлива победа со квалитетен состав, не очекувавме вака убедливо да славиме.

Посакувавме победа, но нé очекувавме да славиме така убедливо. Впрочем италијанскиот ракомет е во подем и со настапите на репрезентацијата на Светското првенство. Знаеме дека Бриксен има квалитет и сигурно нема да го потцениме.

На првиот дуел екипата одигра одлично, очекувам така да биде и на реваншот во Скопје.

Сега за сега нашите мисли се насочени само на дуелот со Бриксен, а знаеме дека по два дена ни следува дуелот од домашното првенство со Еурофарм Пелистер. Пропозициите се такви и нема да правиме планови за Пелистер додека не го одиграме дуелот со Бриксен, изјави Лазаров.

Натпреварот Алкалоид – Бриксен се игра в сабота од 18 часот во салата Автокоманда, a службени лица се: Иварс Чернавскис и Едмундс Богдановс од Летонија (судии) и Делјан Генчев од Бугарија (делегат).