Ракометарите на ГРК Охрид победнички ја почнаа одбраната на титулата во ЕХФ Европскиот куп со убедлив триумф над Спор Тото. Охриѓани го добија првиот меч против турскиот претставник од второто коло со високи 12 голови разлика 36:24.

Во салата „Билјанини Извори“, домашниот состав доминираше уште од самиот старт и веднаш поведе со 2:0. Турскиот тим беше рамноправен само во воведните девет минути кога на семафорот стоеше 4:4. Потоа избраниците на Борис Ројевиќ постепено ја зголемуваа предноста на паркетот. Највисоката позитива во првиот дел изнесуваше 18:10, резултат со кој се замина на одмор.

Второто полувреме беше чиста формалност, па актуелниот освојувач на европскиот трофеј лесно и заслужено ја завери победата.

Најефикасен во домашните редови беше Доминик Мате со десет погодоци, додека Дарко Ѓукиќ постигна шест голови.

Со ова фантастично издание, тимот од Охрид практично си ја заврши работата во оваа рунда. Сепак, утре ќе мора формално да го одигра и реванш натпреварот. Овој втор дуел ќе се одигра во истата сала и во истото време 18.30 часот.

Утре своите реванш дуело од 2.коло во ова натпреварување ќе ги играат и преостанатите две македонски екипи, Алкалоид и Бутел. Прво во Скопје, од 17 часот ракометарите на Бутел ќе треба да надополнат 3 гола негатива (24:27) од гостувањето во Хрватска кај тимот на Горица . Од 19 часот на Алкалоид ќе гостува во Австрија кај Ферлах. Во првиот дуел македонскиот тим славеше убедлива победа со девет голови разлика (31:22)