Ракометарите на Охрид го совладаа литванскиот Драгунас Клаипеда со 32-25 и рутински се пласираа во осминафиналето на ЕХФ Европскиот куп. Бранителот на трофејот од минатата сезона ГРК Охрид славеше со вкупни 62-44 во двомечот одигран во салата „Билјанини извори“.

    По вчерашната убедлива победа од 30-19, избраниците на Борис Ројевиќ влегоа максимално сериозно и во денешниот реванш. Домашниот тим отвори фуриозно и за само шест минути поведе со 4-0 преку Дарко Ѓукиќ и Никола Зечевиќ. Гостите од Литванија накратко фатија приклучок и намалија на 4-3, но актуелниот шампион брзо ја врати контролата. Со цврста одбрана и сигурна реализација, охриѓани одржуваа стабилна предност и на полувреме заминаа со комотни 15-11.

    Драгунас покажа заби на почетокот од вториот дел и со серија од три гола се доближи на 15-14. Сепак, тоа беше сè од отпорот на гостинскиот состав во вечерашната пресметка. При резултат 18-17, ГРК Охрид уфрли во повисока брзина и направи клучна серија од 5-0 за водство од 23-17. Во 55. минута предноста достигна и максимални девет гола разлика (30-21), со што прашањето околу победникот беше целосно решено. Во самата завршница литванскиот претставник успеа само да го ублажи поразот до конечните 32-25.

    Најефикасен во победничкиот табор беше Дарко Ѓукиќ со перфектни седум гола од исто толку обиди. По четири гола запишаа Анте Иванковиќ, Николаос Лиапис и Никола Зечевиќ. Тилен Стрмљан, Томислав Јагуриновски и Ален Ќосевски додадоа по три, а Давид Савревски и Мартин Ивановски по два гола. Голем придонес во новиот европски триумф имаше голманот Бојан Блажевски, кој блесна со 15 успешни интервенции. Кај поразениот тим на Драгунас Клаипеда, најрасположени беа Лукас Јушкенас и Томас Дракшас со по четири постигнати гола.

    Со овој триумф, Охрид ја потврди одличната форма и продолжува успешно да ја брани европската круна во ракомет. Откако ја завршија задачата на меѓународната сцена, охриѓани сега се вртат кон домашната Супер лига и дербито со Еурофарм Пелистер.