Ноќеска во НБА лигата се одиграа шест натпревари, а вистински кошаркарски спектакл понуди дуелот во „Јунајтед центар“ во Чикаго. Кошаркарите на Чикаго Булс и Денвер Нагетс одиграа драматично продолжение, а средбата заврши со неверојатни 296 поени. Предводени од незапирливите Никола Јокиќ и Џамал Мареј, гостите од Колорадо на крајот славеа со 151:145.

Мареј одигра партија за паметење и уфрли 45 поени, што е негов најдобар поентерски ефект оваа сезона. Канадскиот бек шутираше 13 од 22 од игра, погоди шест тројки и реализираше 13 од 14 слободни фрлања. Јокиќ повторно доминираше под обрачите и запиша нов трипл-дабл со 37 поени, 18 скока и 11 асистенции. Тоа беше 202. трипл-дабл во неговата НБА кариера, со што се доближи на седум од рекордот на Расел Вестбрук.

Дуелот во Чикаго донесе луда завршница во регуларниот дел, откако домаќините надоместија седум поени негатива за 40 секунди. Бади Хилд му украде топка на Јокиќ на седум секунди до крајот, а Џош Гиди израмни на 131:131. Српскиот центар потоа промаши тројка за победа со звукот на сирената, па победникот се решаваше во дополнителните пет минути. Сепак, Денвер Нагетс го отвори продолжението со серија од 8:0, а Мареј уфрли осум поени во тој период.

Ослабениот Чикаго пружи силен отпор и погоди дури 25 тројки, иако настапи без Норман Пауел, Кејлеб Вилсон и Ник Клакстон. Хилд беше најефикасен кај домаќините со 33 поени и седум тројки, а Џејлен Смит постигна рекордни 26 поени. Историска вечер имаше Џош Гиди, кој заврши со 23 поени, 14 скока и дури 22 асистенции. Австралиецот стана прв играч на Булс со над 20 асистенции од 1985 година, додека Матас Бузелис додаде 21 поен.

По овој триумф, Денвер Нагетс се подготвува за дуелот со Далас, а возбудувања имаше и на останатите НБА терени. Далас и Голден Стејт исто така славеа во неизвесни завршници.

Погледнете ги сите ноќешни НБА резултати:

Мајами Хит – Оклахома Сити Тандер 123:113
Чикаго Булс – Денвер Нагетс 145:151 (по продолжение)
Јута Џез – Далас Маверикс 114:116
Вашингтон Визардс – Орландо Меџик 116:96
Њујорк Никс – Индијана Пејсерс 113:106
Голден Стејт Вориорс – Бостон Селтикс 88:87