Женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија ги продолжува интензивните тренинзи во Скопје во пресрет на Европското првенство 2026. Избраничките на селекторот Игор Марковиќ работат со максимална посветеност и силен тимски дух пред завршните контроли.
На денешните тренинзи составот се комплетира со приклучувањето на Сара Ристовска, Марија Јанкуловска и Ивана Џатевска. Националниот тим ќе тренира во македонската престолнина до среда, по што следува патувањето за Анкара.
Од 27 до 29 ноември, Македонија ќе настапи на силниот меѓународен подготвителен турнир во Турција. Таму нашите ракометарки ќе одиграат контролни натпревари против домаќинот Турција, Италија и Финска. Овие три дуели ќе бидат клучни за финално воигрување на екипата и темпирање на формата пред шампионатот.
Европското првенство ќе се одржи од 3 до 20 декември во Романија, Полска, Чешка, Словачка и Турција. Македонија е сместена во групата Б, а натпреварите од оваа фаза ќе се играат во романскиот град Клуж-Напока. Противници на македонската селекција на континенталниот собир ќе бидат домаќинот Романија, Швајцарија и актуелниот првак Норвешка.































