Еурофарм Пелистер во Битола го пречекува полскиот Вибжеже Гдањск во петтото коло од ЕХФ Европската лига. Дуелот е клучен за амбициите на македонскиот вицепрвак во „Г“ групата.

Зелено-белите имаат три бода и со евентуален триумф целосно ќе ги задржат шансите за пласман во нокаут-фазата. Полскиот состав е лидер на табелата со шест бода и сè уште нема пораз во европското натпреварување. Првиот меѓусебен натпревар во Полска заврши без победник, со резултат 31-31.

Тренерот на битолчани, Лино Червар, пред натпреварот укажа на исклучително згуснатиот распоред на неговиот тим. По големата победа над Гумерсбах и поразот од Алкалоид, екипата веднаш влегува во нов тежок испит.

„За нас овој меч е голем предизвик. Во неколку дена да се играат три натпревари, три дерби-дуели. Тоа сè уште никогаш во животот не сум видел дека може да се случи, но што е тука е. Мора да дадеме сè од себе за да можеме да ѝ парираме на екипата на Гдањск, која сè уште нема пораз“, изјави Червар.

Искусниот стратег нагласи дека клучот за успех лежи во цврстата одбрана и препознатливата атмосфера на трибините во Битола.

„Ни следи голема битка, но ќе се обидеме да го добиеме тој натпревар. Нема да биде лесно, но со помош на публиката… Ако ни дадат поддршка како против Гумерсбах, тогаш мислам дека имаме шанси. Секогаш има шанси кога имаш таква публика. Играат брз центар, ќе ни биде многу важно да се враќаме во одбрана. Сите мора да бидеме полни со многу оптимизам и да ѝ помогнеме на нашата екипа, а екипата мора да даде сè од себе за да може да се победи таков противник“, порача Червар.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Вибжеже Гдањск се игра утре во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 18:45 часот.  Во вториот дуел од оваа група, германскиот Гумерсбах ќе ги одмери силите со шпанската Ла Риоха. Битолчани во последното коло на 1 декември гостуваат токму кај Ла Риоха.

По четири одиграни кола во „Г“ групата, лидер на табелата е Вибжеже Гдањск со шест бода, пред Гумерсбах кој има четири. Ла Риоха е на третото место со три бода, колку што има и четвртопласираниот Еурофарм Пелистер.