Ракометарите на Охрид попладнево ќе го игра реваншот против Драгунас Клаипеда во 3.коло од ЕХФ Европскиот куп. По вчерашниот убедлив триумф од 30-19, бранителот на европскиот трофеј влегува со огромна предност во денешната пресметка во „Билјанини извори“.

Позитивата од 11 голови разлика им овозможува на охриѓани мирен пристап и рутинска потврда на пласманот во осминафиналето. На првиот дуел македонскиот претставник покажа далеку повисок квалитет, особено во одбраната и во второто полувреме.

Со оглед на високата предност, стручниот штаб има простор да ја распредели минутажата и да ги одмори клучните играчи. Ова особено што тимот на Охрид во следното коло од македонската Супер лига го чека дербито со Еурофарм Пелистер во Битола. Сепак, охриѓани најавуваат максимално сериозен пристап со цел да ја запишат и четвртата последователна победа сезонава во Европа.

Денешниот реванш против литванскиот тим ќе се игра во терминот од 18 часот.