Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром е пред најважниот натпревар во есенскиот дел од сезоната. Аеродромци вечерва гостуваат во Домжале кај Хелиос во натпревар од АБА2 лигата.
Победа е императив за МЗТ, доколку сакаат сино-белите да останат во игра за едно од двете места што водат во плејофот.
Поразот пред две седмици во Скопје од истиот противник ги врати чекор, а можеби и два избраниците на Васко Атанасов.
Тој натпревар покажа дека двата тима се израмнети и дека само нијанси ќе решаваат и на денешниот.
МЗТ денеска мора да победи!
Аеродромци заостануваат две победи зад Хелиос и една зад Цедевита јуниор. Математиката е едноставна. МЗТ со пораз ќе направи огромен чекор назад од зацртаната цел.
Во таква ситуација сино-белите би зависеле пред се од настапите на хрватската екипа. Цедевита јуниор во 4.коло на А групата, утре ќе игра на домашен терен против црногорскиот Теодо.
Но, најважно е вечерва МЗТ сам да решава за својата судбина и да смогне сили да го совлада Хелиос во дуелот што ќе почне од 18 часот.