Македонските младинци го претрпеа и вториот убедлив пораз на Евробаскетот во Полска, за кошаркари до 20 години. Откако вчера беа декласирани од Шпанија со 55 разлика, денеска загубија од Турција со -35 (55-90).
Првата четвртфинален мина во израмнета и ефикасна игра во која за нијанса подобра беше Турција (22-23). Иста слика на теренот и во вториот период кој исто така ми припадна на противникот кој на одмор замина со четири поени предност (38-42). И толку од борбеноста и дисциплината.
Во второто полувреме, односно третата четвртина вистински „очобол“ беше да се гледа играта на нашите младинци. Ја снема енергијата од првиот дел, почнаа индивидуалните докажувања, без креативност и дисциплина во играта. Така за 10 минути постигнаа само 2 поени од линијата за слободно фрлања, па во последниот период влегоа со негатива од 24 поени разлика (40-64). Тоа му овозможи на противникот последниот период да го одработи рутински и да ја впише првата победа со конечни 90-55.
Во првиот денешен натпревар од натпревар од нашата група, Шпанија ја победи Белгија со 81-45.
Така Шпанците со максимален ефект и 4 бода се први на табелата, а Турција и Белгија имаат по три бода, додека Македонија е последна со 2. Утре во третото коло нашите кошаркари ќе играат против Белгија во терминот од 18.30 часот.