Младинската машка репрезентација на Македонија за кошаркари до 20 години, попладнево отпатува за Полска. Напите младинци во градот Гдиња, од сабота ги очекува настап на Европскиот шампионат.

Оваа генерација на играчи (2004-та и помлади) ќе има тешка задача, да обезбеди опстанок во елитната „А“ дивизија.

„Свесни сме за тежината на националниот дрес и што тоа значи да си меѓу избраните да ја претставуваш својата држава. Ветуваме дека ќе го дадеме својот максимум, да покажеме дека можеме да играме добра кошарка.

Да бидеме најдобрата верзија од себе е се што барам од играчите, сметам дека тоа е доволно да ја постигнеме нашата цел, а тоа е опстанок во ‘А’ дивизијата. Т

оа е и нашата одговорност кон идната генерација што доаѓа“, истана селекторот Боро Смилковски.

Изборот на 12-мината Смилковски го направи пред самото заминување за Полска. 

„Задоволни сме од сработеното, играчите максимално посветени ги одработија овие подготовки и како стручен штаб навистина сме благодарни за нивната доверба во нашата работа.

Проблемите со повреди полека ги надминавме, со исклучок на повредата на Метин Саити. Неговото место ќе го пополни талентираниот Марко Луканоски, а конечниот список на патници го утврдивме буквално пред заминувањето за Полска.

Наша констатација е дека физички и техничко-тактички сме спремни за турнирот“, додаде  Смилковски.

Јасно е дека основната цел е давање на максимумот од своите можности, и одбрана на тешко стекнатиот статус, место во елитната младинска репрезентативна кошарка.

СПИСОК НА ИГРАЧИ НА МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОБАСКЕТ ВО ПОЛСКА

Андреј Шошкиќ – бек 190 см
Михаил Стојанов – плејмејкер 184 см
Ненад Јовановиќ – плејмејкер 182 см
Лука Димитриевски – плејмејкер 184 см
Петар Бошалески – бек 196 см
Грегориј Јакимовски – крило 195 см
Никола Бојчев – крило 194 см
Тома Стојаноски – крилен центар 200 см
Павел Иванов – крилен центар 203 см
Теодор Симиќ – центар 215 см
Марко Луканоски – центар 208 см
Ангел Кечовски – бек 196 см

Црвено-жолтоте се во групата Ц во која за противници редоследно ќе ги имаат Шпанија, Турција и Белгија, а потоа ќе следува дуелот од 1/16-финалето.