Последниот натпревар од 6.коло во машката кошаркарска Супер лига, во Скопје, донесе вистинска драма и големи возбудувања. Кошаркарите на ТФТ по голема борба славеа тесна победа од 89:87 над екипата на МКК Куманово во неизвесна завршница.
Гостите од Куманово одлично го отворија дуелот и по првата четвртина имаа предност од 26:23. Изедначената борба продолжи и во вториот период, по кој кумановци заминаа на полувреме со водство од 50:46.
Домашниот состав влезе многу помотивирано во третата четвртина и со серија од 13:2 направи целосен резултатски пресврт. Предводени од расположениот Сила и Николов, скопските „црно-бели“ стигнаа и до највисоки девет поени предност при 64:55. Сепак, МКК Куманово преку тандемот Гуден и Стевановиќ се врати во игра за егал од 68:68 пред решавачкиот период.
Во последната четвртина гостите повторно ја презедоа контролата и поведоа со убедливи 82:73. Кошаркарите на ТФТ покажаа силен карактер во клучните моменти, па со двете тројки на Вајт израмнија на 87:87. Во последните 34 секунди Стајиќ направи грешка во нападот на гостите, по што Сила од слободни фрлања ги постави конечните 89:87.
Најзаслужен за триумфот на ТФТ беше Сила со дабл-дабл учинок од 27 поени и 12 скока. Одличен придонес имаа и Вајт со 21 поен, како и Николов кој запиша 16 поени и шест скока. Кај МКК Куманово најефикасен беше Гуден со 33 поени, додека Стевановиќ додаде 27 поени (25 според официјалната статистика) и седум скока.
По комплетирањето на 6.коло во МТЕЛ Суперлигата, лидер на табелата е непоразениот Работнички со 12 бода, пред МЗТ Скопје со 11. По овој триумф, ТФТ се израмни со МКК Куманово, Тиквеш и Кожув на делба од третата до шестата позиција со по девет бода. Во следното коло на 14 ноември, ТФТ му гостува на Кожув, додека кумановци на домашен терен ја пречекуваат Струмица.
Распоред
Табела
| # | Екипа | ОН | П | И | кош +/- | Б |
|---|


































