Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва (почеток 20:45 часот) го играат натпреварот од 9.коло од Лига Европа. Гостуваат кај лидерот на табелата Фуксе Берлин и единствена екипа која има максимален учинок во ова натпреварување. Затоа шансите за позитивен резултат се минимални, а тоа го знаат и во таборот на битолчани.
Во Берлин ќе настапиме со цел да продолжиме да се подобруваме, да ги имплементираме новите и заздравените ракометари во нашиот систем. Суси се враќа во екипата, но превентивно нема да настапат Хенеберг и Ојлески. Овој натпревар против врвна екипа е шанса да покажеме што работиме овој период. Шанса ќе добијат и ракометари кои играа помалку во овој период. Се надевам дека ќе ја подобриме и нашата игра „шест на пет“, бидејќи имаме многу лош учинок со ракометар повеќе. Фуксе Берлин е врвна екипа и не треба да се трошат зборови. Се работи за еден од фаворитите во натпреварувањето,
изјави тренерот на Еурофарм Пелистер Ларс Валтер.
Во другите два натпревара од претпоследното коло од оваа група во 18:45 часот играат Мотор и Бидасоа, додека од 20:45 часот е почетокот на дуелот Архус – Агуаш Санташ.
Табела Д група: Фуксе Берлин 16 бодови, Архус 12, Бидасоа Ирун 7, Еурофарм Пелистер 6, Агуаш Санташ 4, Мотор 3.
Првите четири екипи од четирите групи ќе продолжат во следната фаза.