Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски со победа во квалификациите го почна настапот на Челинџер 125 турнирот што се игра во Братислава, Словачка.

Тој во првиот меч го совлада домашниот тенисер Петер Над со 2-1 во сетови (6-7, 6-2 и 6-0) и уште еднаш успеа да направи пресврт во меч и да го заврши со победа.

Почетокот на мечот беше со наизменично освојување на гемовите на свои сервис.

Во седмиот и деветтиот гем Ивановски испушти по две брејк топки. Во тај-брејкот од првиот сет Калин не искористи три сет топки, па Над го доби тај-брејкот со 9:7 на поени.

Во вториот сет Ивановски поведе со 2:0, но брзо стигна изедначување на 2:2. Тогаш на сцена стапи македонскиот тенисер, кој до крајот на мечот ги доби следните десет гема.

Прво вториот сет заврши со 6:2, а во решавачкиот сет беше 6:0 за Ивановски.

Утре во финалето од квалификациите Ивановски ќе игра со победникот од „Macedonian Open“ Унгарецот Мате Валкуж (25 години, 214 АТП).

Тој денеска во квалификациите го совлада Михал Крајчи од Словачка со 2-0 во сетови (63 64).

Мечот се игра утре на централниот терен и почетокот е закажан за 10:30 часот.