Втора година по ред, Скопје е местото каде најдобрите кадети на Европа ќе се борат за престиж и титулата.
Утре стартува Европското првенство за кошаркари до 16 години.
За разлика од натпреварувањата во „Б“ Дивизијата на Европското првенство, во поквалитетната конкуренција настапуваат 16 национални репрезентации поделени во четири групи (по четири репрезентации). По трите одиграни кола, и постигнатиот пласман, ќе се формираат осминафиналните двојки.
Македонските кадети нема да имаат нималку лесна задача, бидејќи во групната фаза ќе играат со Литванија, Франција и Белгија.
„Задоволен сум од текот на подготовките, 43 дена одработеа репрезентативците. Притоа одигравме и седум контролни натпревари. Добро е што во последните неколку дена имаме само мали повреди и речиси сме комплетни. Утре нè очекува дуел против репрезентацијата на Белгија која изгледа добро, и има квалитетни кошаркари на бековските позиции. Доколку успееме да ги стопираме бековите сметам дека имаме големи шанси да триумфираме што би било идеален старт на првенството“,
вели селекторот Јванчев.
Предводникот на кадетите говори и за она што следува во групата „Б“…
„Во натпреварите со Франција и Литванија очигледно, физички ќе бидеме инфериорни. Но шансата да се натпреваруваме со најголемите треба и мора да биде мотив плус за сите нас да дадеме се од себе. Системот е таков што дури и да ги победите или загубите сите натпревари во групната фаза, добивате можност да разигрувате за осумте најдобри. Затоа е битно мотивот и концентрацијата да бидат на високо ниво на сите натпревари. Се надевам ќе уживаме во квалитетна младинска кошарка на првенството што следува…“, посакува Јованчев.
Нашите кадети ќе имаат исклучително тешка задача, на првенството во нашиот главен град, да обезбедат опстанок во елитната „А“ дивизија.
Веќе е пријавен и тимот кој ќе треба да ја исполни задачата, а тоа се следниве 12-мина:
Григориј Ѓорѓевиќ, Сергеј Петровиќ, Никола Јаничиќ, Жарко Терзиевски, Марио Симиќ, Илин Најков, Лука Марјановиќ, Матеј Митревски, Лука Антиќ, Љубен Ефтимовски, Доријан Ивановски и Дамјан Ивановски.
Македонските кадети своите натпревари ќе ги играат во СЦ „Кале“ сите во терминот од 18.30 часот.
Сите актуелности како и преносите ВО ЖИВО ќе може да ги следите овде.