Македонската спортска јавност одамна се нема израдувано на голем успех. Шанса за тоа имаме вечерва, кога младите македонски кошаркари ќе играат во финалето на Европското првенство (Б дивизија).

Радоста може да биде уште поголема доколку СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје вечерва биде исполнет до последното место.

Тоа е една од работите кои ги посакува нашиот репрезентативец Амар Хот.

„Со оваа победа влеговме во А-дивизијата, но тука не застануваме, одиме по пехарот.. Се надевам дека тој ќе заврши таму каде што припаѓа. Ја повикувам цела нација, сите да дојдат да нè поддржат. Македонија има генерации и генерации фантастични кошаркари. Треба да продолжиме по истиот пат… Верувам дека ќе бидеме достојни наследници на Перо Антиќ, Војдан и Дамјан Стојановски“, вели Хот во изјавата за КФМ.

Верува дека тимската игра на Македонија ќе биде исклучителен фактор и во последниот натпревар на првенството.

„Клучот за нашите победи е нашата тимската игра, нашата тимската хемија, нашиот стручниот штаб. Работевме напорно цел месец, и мислам дека апсолутно го заслуживме ова. Ќе играме во финалето најдобро што знаеме и умееме. Да, многу ќе ни недостасува Андреј Митревски, но оние кои ќе играат, ветувам, ќе го остават срцето на теренот“, порачува Амар.

Веруваме дека неговата и желбата на целата репрезентација ќе биде исполнета, а она што е најважно вечерва сите треба да ги бодриме нашите млади кошаркари.

Финалето Македонија – Чешка започнува во 21 часот, ве чекаме сите во сала.
🇲🇰🏀🇲🇰🥇🏆