Машката селекција на Македонија за кошаркари до 16 години го загуби и вториот контролен натпревар со врсниците од Бугарија.
Откако вчера гостите славеа со 79-64, попладнево на дуелот избраниците на селекторот Александар Јованчев, се повторно поразени сега со 73-63.
Во првото полувреме ниту една од селекциите не успеа да направи поголема предност, па откако гостите го добија првиот период (21-22), а во вториот им припадна на нашите кадети (15-14), на полувреме се замина со израмнет резултат (36-36).
Третата четвртина црвено-жолтите ја добија со 16-10 и со шест поени предност (52-46) влегоа во последниот период. Но, во него му дозволија на противникот за 4.минути да направи серија од 18-4 и да поведе со +7 (63-56), што се покажа како решавачка за конечниот исход и победа на гостите со 73-63.
Освен Илин Најков кој постигна 22 поени, ниту еден друг играч во нашата репрезентација не успеа да уфрли двоцифрен број на поени.
Овие натпревари се дел од подготовките на нашата кадетска селекција која ќе биде домаќин на Европското првенство за кошаркари до 16 години, на турнир што е ќе се игра во Скопје од 5 до 13 август.
Во најсилната конкуренција односно А дивизија, нашите кадети ќе бидат во групата Б во која за противници ќе ги имаат врсниците од Франција, Литванија и Белгија.