Репрезентацијата на Белгија ја продолжи одличната форма на Евро Баскетот и во второто полуфинале со 67:63 ја совлада селекцијата на Франција со што обезбеди финале.
Белгијките тргнаа фуриозно и одлично го отворија натпреварот па веќе по првата четвртина имаа високи +10, откако по истекот на првите десет минута резултатот беше 18:8.
Белгија продолжи во ист ритам и во вториот дел, па во еден момент имаше и +17, кога резултат беше 41:24 во низна полза, за Французинките да намалат на -14, па на полувреме заминаа со 44:30.
Избраничите на Тупан многу подобро влегоа во вториот дел и ја добија третата четвртина со 16:10, па со негатива од осум поени влегоа во последните 10 минути, каде Франција дојде и на минус два, но на крајот немаше време за целосен пресврт, па Белгија сосема залужено се пласираше во финалето.
Најдобар поединец на теренот кај победничката екипа беше најдобриот стрелец на турнирот Ема Месеман која постигна 24 поени а додаде и шест скока и четири асистенции. Голема помош имаше и од Џулие Ванлоо која постигна 18 поени.
Кај поразените најдобра на паркетот беше Сандрин Груда со 17 поени.
Финалето помеѓу Шпанија и Белгија се игра утре, со почеток од 20:00 часот