Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје го претрпе третиот пораз во ФИБА Еврокупот, губејќи на гостински терен од германски Вирцбург. Во натпревар од 3.коло на Е групата, МЗТ Скопје загуби со 87-72.
Избраниците на Васко Атанасов одиграа солидно прво полувреме, но големиот пад во играта во вториот дел резултираше со убедлив неуспех. Аеродромци одлично се држеа до средината на втората четвртина, кога во 15. минута резултатот беше израмнет на 30-30. Сепак, германскиот претставник пред крајот на полувремето се одлепи и на пауза замина со предност од 49-43.
Иако противникот во неколку наврати стигнуваше до двоцифрена предност, кошаркарите на МЗТ Скопје упорно ја бркаа негативата. Клучниот момент се случи од 28. минута при резултат 67-58, кога македонскиот состав целосно застана во нападот. Вирцбург го искористи тоа и направи одлучувачка серија, зголемувајќи го водството на недостижни 75-58 во последната четвртина. Тогаш веќе беше јасно сè околу конечниот победник на овој тежок европски натпревар.
Во редовите на МЗТ најефикасен беше Ноа Фарахан кој натпреварот го заврши со 14 постигнати поени. Двоцифрени беа и: Андреј Маслинко (12 поени и 7 скокови, како и Тадија Тадиќ и Димитрије Николиќ, кои запишаа по 10 поени.
Следен противник на МЗТ Скопје е кипарскиот тим АЕК Ларнака. Натпреварот ќе се игра седиот вторник (27 октомври) во „Јане Сандански“ во Скопје.



































