Македонија ја очекува тежок натпревар против сигурно една од најдобрите европски па и светски селекции во моментов, смета селекторот на нашата репрезентација Благоја Милевски.
Милевски кој поради суспензија го прескокна натпреварот со Украина во Скопје, утревечер на „Олд Трафорд“ ќе ја предводи Македонија во дуелот со европскиот вице-првак Англија за која Милевски не штедеше пофални зборови.
„Не треба да се трошат зборови за квалитетот на Англија. Без разлика дали станува збор за екипите или репрезентацијата. Нас ќе ни биде чест да одиграме меч со таков ривал и се разбира ќе бидеме по среќни ако извлечеме позитивен резултат “, изјави Милевски.
Македонскиот селектор верува во своите избраници, дека може да ги повторат игрите кои во не така далечното минато црвено-жолтите ги прикажувале со големите ривали (мислечки на Германија, Италија па и Португалија).
„Македонија неколку години назад покажува дека има квалитет и потенцијал и дека може да биде конкурентна во Европа. Да не се навраќам што овие момци имаат постигнато. Овој тим има потенцијал да одигра добар меч со Англија, а потоа да биде конкурентна и во квалификациите“, заклучи Милевски.
Ќе го повторат ли токму тоа македонските фудбалери во дуелот со Англичаните од кои немаат пораз на двата гостински натпревари досега, останува да видиме утревечер по дуелот што ќе започне од 20.45 часот.