Репрезентацијата на Македонија пред себе има тешка задача во дуелот со првопласираната Англија во квалификациите за Европското првенство во Германија.

Капитенот на нашата репрезентација, Стефан Ристовски, изјави дека Македонија е за големи натпревари и сака да прави чуда. Исто така, тој истакна дека цела нервоза од натпреварот со Украина ќе ја „истурат“ на Англија.

„Ретко е за Македонија да игра вакви натпревари, на вакви стадиони. Самата лига што ја поседува Англија е врвот на фудбалот. Убаво е да влезеш на „Олд Трафорд“, не ти треба некоја посебна мотивација, туку да излезеш и да покажеш она кое го поседуваш. Ние сме очигледно таква екипа, која игра големи натпревари и сака да прави чуда. Се надевам дека цела нервоза која ја чуваме од мечот со Украина, ќе ја префрлиме на теренот. Сите играчи имаат големи натпреварувања и лиги. Играме против најголемиот фаворит во групата, селекција од светско ниво. Не ни треба посебен мотив. Ќе имаме исполнет стадион, тоа е доживување, генерално, за македонскиот фудбал и за сите наши гледачи да успееме спортски нешто да направиме“, вели капитенот на Македонија, Стефан Ристовски.

Македонските фудбалери ќе истрчаат на теренот против Англија вечерва, со почеток во 20:45 часот.