Македонската фудбалска репрезентација се подготвува за натпревар против Шкотска во рамките 3.коло на Лигата на нации. По двата воведни порази во Лигата Б од Швајцарија и Словенија, нашиот национален тим се наоѓа во сериозна резултатска криза.
Селекторот Гоце Седлоски ја презема целата одговорност за криза и најави повторно новитет во тимот.
„Критиките да бидат насочени кон мене и федерацијата, а не кон играчите. Тимот се наоѓа во процес на подмладување и стабилизација кој бара трпение од јавноста. Јас продолжувам понатаму така, сакаме да создадеме нови играчи“, истакна Седлоски.

Со цел подобрување на играта, селекторот планира освежување на тимот за претстојниот меч.
„Најавувам две до три измени во почетниот состав со цел да се освежи екипата. Мора соодветно да одговориме на високите физички барања во овој репрезентативен прозорец.
Против Шкотска нема да се браниме, туку ќе се обидеме да го наметнеме нашиот фудбал.
Спремни сме да излеземе на терен, да покажеме карактер како во Словенија. Од тоа можам да бидам задоволен, освен од резултатот“, изјави Седлоски.“, заклучи селекторот.
Натпреварот Македонија – Шкотска ќе се игра утре (сабота) на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје со почеток во 20 часот и 45 минути. Македонските фудбалери се соочуваат со серија од шест меча без постигнат гол и императив за позитивен резултат пред домашната публика.































