Македонската тениска репрезентација денеска во Ларнака, Кипар го игра последниот меч од годинашново издание на Дејвис купот. Противник ќе ни биде селекцијата на Сан Марино. Двете репрезентации ги освоија третите места во групите и денеска го играат мечот за опстанок во Третата Европска зона.
Денешниот ривал на Македонија во двата дуела од А групата претрпе убедливи порази од Естонија и Црна Гора со 3:0.
Македонија против Сан Марино има биланс од две победи и еден пораз. Во првите два меча од Третата Евро-африканска зона имаме победи од 3:0 1997 година во Сенегал и 2011 година во Скопје. Третиот меч беше пораз пред две години во Скопје како дел од Четртата Европска зона. Поразени бевмесо 2:1, поен за Македонија донесе Калин Ивановски во сингл, а загуби Горазд Србљак во сингл и Ивановски и Стефан Мицов во двојки.
Од денешниот противник најискусен играч е Марко Де Роси (26 години, 1263 место во сингл и 959 место во дубл). Тој настапи на двата меча во сингл со Естонија и Црна Гора, додека Матија Мурацани (16 години без ранг) и Филипо Томесани (22 години, без ранг) загубија по еден сингл меч. Во двојки играа Мурацани и Томесани, додека како играч број 4 е пријавен селекторот Доменико Винчи.
Почетокот на првиот меч е во 9:30 часот по македонско време односно 10:30 часот по локално време.