Екипата на Уникаха направија „брејк“ на гостувањето кај Барселона и го израмнија резултатот на 1:1 во победи во полуфиналето на шпанското кошаркарско првенство. 

Ова откако вечерва во вториот натпревар одигран во Барселона тимот од Малага славеше победа со 88-79. 

Дека се решени да атакуваат на триумф гостите најавија во воведните три минути кога прво поведоа со 14-1, а потоа и со 16-3. Барса постојано ја бркаше негативата, но дури на средината на третата четвртина успеа во тоа, за прво водство од 48-47. Водеше Барса и со +5 во тој период од играта, но до крајот на четвртината повторно Уникаха ја презеде контролата на резултатот па во последниот период влез со +6 (63-57). 

Не ја испуштија можноста гостите од Малага и на крајот заслужено славеа со 88-79. 

Американецот, Тајсон Картер за победничката и Аргентинецот, Лапровитола за поразената екипа постигнаа по 19 поени и беа нај ефикасните на натпреварот. 

Сега серијата што се игра до три добиени натпревари се следи во Малага каде ќе се одиграат следните два, а првиот од нив на програмата е веќе во недела. 

И во второто полуфинале меѓу Реал Мадрид и Хувентуд резултатот е 1:1 во победи, а следните два меча ќе се играат во Бадалона.