Македонските тенисери кои се дел од турнирите од двете конкуренции (мажи и жени) во Куршумлијска Бања во Србија обезбедија пласман во следната рунда. Македонските претставници мечевите ги играа на теренот број 2. Прв се појави Калин Ивановски (седми носител) кој го доби првиот сет со 6:3 во гемови. Освен почетното водство од 1:0 во првиот сет Матија Жугиќ од Србија немаше друго водство. По завршувањето на првиот сет кој траеше еден час и една минута Жугиќ го предаде мечот, па така нашиот тенисер обезбеди пласман во второто коло каде за ривал ќе го има Микалаи Халиак од Белорусија (24 години, 835 место на АТП).
Веднаш по мечот на Ивановски следеше и дуелот на Лина Ѓорческа (трет носител) против Романката Илона Георгина Ѓороаие. Првиот сет и припадна на романската тенисерка со 6:2 во гемови, но Ѓорческа го изедначи резултатот на 1:1 во сетови добивајќи го вториот сет со 6:3 во гемови. Во решавачкиот сет при резултат 3:1 во гемови за нашата тенисерка противничката го предаде мечот, по 1 час и 56 минути игра. Ѓорческа во следното второ коло ќе игра против Јулие Струплова од Чешка (18 години, 434 место на ВТА листата).
Во мечот во двојки Ивановски и Мили Пољичак ги победија Гомез (Франција) и Халиак (Белорусија) со 2-0 во сетови (6:2 и 6:1) за 53 минути.