Со натпреварите во Суперкупот, во двете конкуренции, денеска официјално стартува новата сезона во македонската клупска одбојка.

Првото историско издание на ова натпреварување се одржува во Тетово и истовремено го одбележува големиот 50-годишен јубилеј на меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“.

Програмата во салата на ДСЕУ „8. Септември“ започнува од 17 часот со машката пресметка меѓу шампионот УГД Штип и финалистот велешки Борец. Штипјани ги бранат трофеите од минатата сезона, додека велешани влегуваат со нов состав и голема желба за реванш.

Тренерот на УГД Штип, Кристиан Ристески, повикува на максимална сериозност. 

„За противник ја имаме екипата на ГОК Борец, тим составен од квалитетни домашни и странски играчи кои добро ги познаваме. Во изминатите четири години немаме пораз во меѓусебните дуели, но тоа за нас не значи ништо пред почетокот на овој натпревар. Станува збор за еден меч, за трофеј, и свесни сме дека и двете екипи ќе влезат со голема желба за победа“.

Предводникот на ГОК Борец, Петре Жабев, најавува храбра игра и искористување на секоја шанса.

„Нашата екипа ќе игра во изменет состав од претходната сезона. Новите играчи треба да се адаптираат на играта и тимскиот дух на екипата, и фаворитската улога му ја препуштаме на противникот УГД Штип. Сепак секоја шанса или момент на опуштање на ривалот ќе се обидеме да ги искористиме“.

Од 19:30 часот следува женското финале меѓу шампионот Работнички Скопје и куп-освојувачот Вардар ЕМ.

Тренерот на Работнички Скопје, Душко Деспотовски, истакна дека сериозно го реновирале тимот со искусни засилувања и млади одбојкарки.

„Во новата сезона влегуваме со сериозни промени во составот. Спојот на искуство и младост треба да биде нашата сила, а амбицијата е јасна – сакаме првиот трофеј во Супер купот да заврши витрините на Работнички“. 

Од друга страна, стратегот на Вардар ЕМ, Јован Шапе, потсети на ланската куп победа над истиот ривал и најави борба за нов трофеј. 

„Лани се соочивме во четвртфиналето од Купот на ОФМ и успеавме да го победиме, а потоа и да го освоиме Купот на Македонија. Во новата сезона двете екипи влегуваат со изменет состав, а самиот натпревар ќе претставува добра најава пред почетокот на првенството. Ќе се обидеме да го понудиме најдоброто од нас во моментов. Секако убаво ќе биде да тргнеме со пехар, но прво на теренот мора да покажеме дека го заслужуваме. Ги повикувам сите љубители на одбојката да дојдат во Тетово и да уживаат во одбојкарската претстава“. 

Влезот во салата на ДСЕУ „8. Септември“ во Тетово е отворен за сите љубители на спортот и одбојката.

 

Следете нé на социјалните мрежи