Новата сезона на македонската одбојкарска сцена ќе почне со мечевите во Суперкупот на Македонија на 7 октомври.
Годинашното издание ќе биде посебно. Имено, еден од најстарите спортски настани во Македонија, но и во одбојкарскиот календар, е меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“. Тој годинава го прославува јубилејното 50-то издание.
Организаторите на турнирот, семејството Хаџииљоски и Одбојкарската федерација на Македонија одлучија, ова издание да добие нова димензија. Тоа ќе премине во Суперкуп на Македонија, кој ќе продолжи да се одржува секоја година пред почетокот на новата сезона.
„По пет децении одржување на турнирот донесовме заедничка одлука со Федерацијата од ова јубилејно издание истиот да премине во Суперкуп, кој ќе го носи името ‘Бранко Хаџииљоски Чајка’ Суперкуп. Низ годините бевме сведоци дека овој турнир беше ставен во функција на националните тимови, се одржуваше и на клупско ниво, мажи и жени, ветерани…
Мислам дека преминот во Суперкуп ќе претставува сублимат на најдоброто на домашната сцена и во машка и во женска конкуренција“ – потенцира Ивица Хаџииљоски, син на легендата и актуелен потпретседател на ОФМ.
Турнирот „Чајка“ ќе се одржи на 7 октомври (среда), во салата на Средното економско училиште „8. Септември“ во Тетово.
Програмата ќе стартува со мечот во машка конкуренција во кој ќе се сретнат ланските финалисти во првенството и во Купот, Штип УГД и ГОК Борец од 17 часот. Потоа од 19.30 часот ќе се игра и женскиот Суперкуп меѓу шампионот Работнички Скопје и освојувачот на Купот Вардар ЕМ.

































