Женската јуниорска кошаркарска репрезентација на Македонија до 18 години замина за Тулчеа каде ќе настапи на Европското првенство од Дивизијата Б.
На шампионатот во Романија учествуваат вкупно 20 национални селекции распоредени во четири квалификациски групи. Нашата селекција е во групата Д заедно со репрезентациите на: Данска, Грција, Велика Британија и Словачка.
Првиот предизвик за избраничките на селекторот Виктор Петровски е дуелот против Данска в петок од 17:30 часот. Потоа следуваат пресметките со Грција и Велика Британија, додека фазата по групи македонските кошаркарки ќе ја завршат против Словачка.
Подготовките траеја речиси еден месец, а формата беше тестирана преку контролни мечеви против Бугарија и Косово. И покрај ситните проблеми со повреди, стручниот штаб истакнува дека во тимот владее одлична атмосфера. Во Романија заминаа 12 кошаркарки кои со висока мотивација влегуваат во борбата за висок пласман. Првите две селекции од групата продолжуваат во четвртфиналето и во борбата за влез во елитата.
Распоред на натпреварите на Македонија:
31 јули (петок) Данска – Македонија 17:30 часот
1 август (сабота) Македонија – Грција 20:00 часот
2 август (недела) Велика Британија – Македонија 20:00 часот
5 август (среда) Македонија – Словачка 15:00 часот




































