Италијанскиот кошаркарски клуб Наполи официјално објави дека потпиша двегодишен договор со македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски.
Високиот крилен кошаркар од Крива Паланка поседува и италијанско државјанство, а кариерата ја градеше преку младинскиот тим на Рејер Венеција. Јакимовски дебитираше во Италија за Торино во Серија А2, пред да замине во силната американска колеџ-лига НЦАА.
Таму четири години успешно настапуваше за Вашингтон Стејт, а потоа одигра уште една квалитетна сезона за тимот на Колорадо Бафалос.
Минатата сезона тој се врати во Италија во редовите на Трентино, каде што блесна во домашното првенство и во Еврокупот.
Во италијанската елита тој бележеше 9,3 поени, помагајќи му на својот тим да обезбеди пласман во разигрувањето за титулата. Неговите партии во Еврокупот беа уште подобри, каде ја предводеше екипата со одличен просек од 10,8 поени и 6,1 скока.
Јакимовски е еден од новите лидери на Македонија, со која на стартот на јули го чека настап во предквалификацискиите за Европското првенство 2029.





























