Тениската федерација на С.Македонија со задоволство најавува дека УНИБанка АД Скопје станува Генерален спонзор на федерацијата.

Ова партнерство претставува важен чекор во развојот на тенисот во нашата држава и ќе обезбеди дополнителна поддршка за остварување на значајни проекти од Програмата за работа на федерацијата. Поддршката од страна на Банката вклучува настани, турнири, обуки и тениски фестивали кои ќе создадат платформи за развој и натпреварување на спортисти од сите возрасти. Со овие активности се очекува значителен напредок во организацијата на домашни и меѓународни турнири, како и продолжување на соработката со светски познати тренери и тенисери, што ќе обезбеди нови можности за промоција на талентираните младинци и за остварување на нивните амбиции во светот на тенисот.

„УНИБанка дава значаен придонес во спортот во Македонија и имаме огромна чест што овој пат се вклучува и со поддршка на Тениската федерација. Се надеваме дека заеднички ќе постигнеме нови успеси, ќе реализираме настани кои ќе се паметат и ќе бидат мотивација и инспирација за идните генерации тенисери“, изјавија од Тениската федерација на С.Македонија.

„УНИБанка станува горд партнер на Тениската федерација на С.Македонија и со задоволство ја воспоставуваме оваа соработка. Поддршката на спортот и младите таленти е составен дел од нашата корпоративна одговорност и веруваме дека ова партнерство ќе придонесе за позитивна промена во тениската заедница“, изјавија од Управниот одбор на УНИБанка АД Скопје.

УНИБанка е препознаена по својата општествена одговорност и поддршка во спортот, а најмногу и како организатор на традиционалниот тениски турнир UNIBANK Invitational, кој годинава ќе се оддржи петта година по ред. Оваа иницијатива на Банката сега е проширена со партнерство и генерално спонзорство на Тениската федерација на С.Македонија.