Македонскиот ракометен првак попладнево го очекува тешко гостување кај Веспрем во Унгарија. Ривалот е лидер на табелата во групата со само еден пораз и екипа која постигна победа во Битола со 30:23.
Сепак од тој натпревар измина повеќе од еден месец, а македонскиот шампион е во далеку подобра форма и со подобри резултати во однос на тој дуел.
Веќе десетина дена битолчани работат и под палката на новиот тренер Алонсо. Во редовите на Еурофарм Пелистер е и Дејан Манасков, поранешниот играч на унгарската екипа.
„За мене ова е прво враќање по заминувањето од Веспрем и специјален натпревар за мене. Ќе биде тешко, но ќе се бориме и ќе се обидеме да им отежнеме и ако се укаже прилика и да извлечеме позитивен резултат.Деновиве се спремаме специјално за Веспрем и верувам во добар натпревар. Веспрем има на секоја позиција ракометари од светска класа, имаат ротација и проектирани се за големи работи.Играњето за Веспрем значи битка за освојување на сите трофеи, па и годинава е така. Играат на домашен терен и тешко е да се игра во таа сала. Публиката е гласна, но спортски е да се надеваме и да се бориме до последниот атом од силите“, изјави Манасков
Натпреварот Веспрем – Еурофарм Пелистер почнува во 18:45 часот.