Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа со триумф го почна настапот на ВТА 125 турнирот во Леида, Шпанија.

Таа во 1.коло ја совлада домашната тенисерка Карлота Мартинез Сирез (254.место ВТА) со 2-1 во сетови. Мечот што траеше два часа и 9 минути по сетови заврши со 3:6, 7:5 и 6:1 за Ѓорческа.

Во првиот сет по двата освоени гема на свој сервис, тенисерките направија по еден брејк за 2:2. Следниот брејк беше во осмиот гем кога Мартинез Сирез поведе со 5:3 во гемови. По искористената втора сет топка го освои првиот сет и поведе со 1:0.

Вториот сет беше посебен. Во првите осум гема ниту една од тенисерките не освои гем на свој сервис и резултатот беше 4:4. И тука беше најава на пресвртот за македонската тенисерка. Деветиот и 11.тиот гем во вториот сет на свој сервис ги освојува без загубен поен, притоа во 10.тиот гем не ја искористи првата сет топка, но тоа го направи во 12.тиот гем кога ја реализираше четвртата сет топка. Сетот Ѓорческа го доби со 7:5 во гемови и изедначи на 1:1.

Во решавачкиот сет македонската тенисерка беше убедлива и по 1:1, направи серија од 4-0 за конечен триумф и добиен сет со 6:1 во гемови, а во мечот 2-1 во сетови.

Во второто коло Ѓорческа ќе игра со победничката од мечот меѓу втората носителка Катарина Синиакова од Чешка (40.место на ВТА листа) и Алисија Паркс од САД.

Инаку, прва носителка на турнирот е Ема Наваро од Шпанија која е рангирана на 23.то место на ВТА листата.