Репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 19 години го претрпе и вториот пораз во квалификациите за Европското првенство 2025-та година.

Македонија попладнево е поразена од Швајцарија со 0-2 во натпревар од седмата квалификациска група чиј домаќин е Скопје.

На натпреварот одигран на теренот „Петар Милошевски“ крај ФФМ, Швајцарците беа подобар противник во целиот тек на натпреварот. До својата втора победа тие стигнаа со головите на Луке (12.минута) и прекрасниот погодок на Бенеј (80).

Триумфот за нив значи и директна пресметка со Украина за првото место на табелата, откако Украинците попладнево со 3-0 ја совладаа Летонија.

Младите македонски фудбалери против Летонците во вторник ќе се обидат да го избегнат последното место на табелата.