Женската репрезентација на Македонија од 8 до 13 април ќе настапи во Литванија како дел од Втората Евро-африканска зона од Били Џин Кинг купот. Македонските тенисерки лани на домашен терен триумфираа во Третата Европска зона и со тоа обезбедија пласман во повисок ранг.

Селекторот Димитар Лабудовиќ за настапот во Литванија се реши за Македонија да играат: Лина Ѓорческа, Магдалена Стоилковска, Ива Данева, Ана Митевска и Теона Андова. Од петте повикани тенисерки единствена дебитантка е Андова.

Мечевите ќе се играат во СЕБ Арена во Вилнус на тврда подлога, а има вкупно 11 репрезентации, кои ќе бидат поделени во три групи (една со три национални тима и две со по четири национални тима). Трите првопласирани репрезентации ќе формираат нова група во која ќе игра секој со секого. Само и двете првопласирани од ова втора фаза ќе изборат пласман во Првата Евро-африканска зона.

Второпласираните од групата од првата фаза ќе формираат група која ќе игра за пласман од 4-6.место, а третопласираните од 7-9.место. Двете четвртопласирани репрезентации во групите ќе се преселат во Третата Европска или Африканска зона.

Најголем фаворит според составот е Хрватска која ја има пријавено Дона Векиќ (34.место ВТА). Од другите селекции за Естонија треба да настапи Каја Канепи. Според рангот меѓу најдобрите неколку тенисери секако е нашата Лина Ѓорческа.