Македонската тенисерка Лина Ѓорческа во меч од 2. коло на ИТФ фјучрсот во Аламинос, Ларнака на Кипар славеше победа и се пласира во четвртиналето.

Ѓорческа по 2 часа и 30 минути и со 2-1 во сетови ја совлада квалификантката од Италија Матилде Паолети.

Првиот сет го доби Ѓорческа со 6:3 во гемови. Во вториот сет Италијанката имаше водство од 4:0 и 5:1, Ѓорческа намали на 5:3, но сетот и припадна Паолети со 6:3.

Во решавачкиот трет сет, Италијанката почна со водство од 2:0, но Ѓорческа изедначи на 2:2.

Предност од еден гем Паолети имаше до деветтиот гем кога поведе со 5:4. Но, потоа следуваше најдобриот дел од мечот за Ѓорческа која ги доби следните три гема.

Во десеттиот гем изедначи на 5:5 без загубен поен. Во следниот направи брејк откако противничката имаше водство од 40/15, а мечот го заврши во 12. гем со серија од четири поени.

Во следното коло (четвртфинале) Ѓорческа ќе игра против Русинката Ксенија Зајцева (19 години, 439. ВТА). Зајцева е во серија од седум победи на ИТФ турнирите, а претходната недела триумфира во Ираклион на Крит.