Македонската тенисерка Лина Ѓорческа со победа ги стартуваше мечевите на ИТФ фјучрс турнирот Анталија 35 (награден фонд 25.000 долари). Таа во мечот од првото коло ја победи Маделиеф Хагеман од Холандија со 2-0 во сетови (62 62) за 71. минута. Ова за македонската тенисерка е прв меч од настапот во квалификациите на Австралија Опен на почетокот од годината.

Во првиот сет резултатот беше изедначен во првите четири гема – 2:2, а потоа Ѓорческа направи серија од 4:0 и го доби сетот со 6:2 во гемови. Низата од гемови нашата тенисерка ја продолжи и на почетокот од првите два гема од вториот сет за водство до 2:0, за потоа да поведе и со 4:1 и сетот да го заврши на идентичен начин со 6:2.

Ѓорческа имаше реализација 6/8 на брејк топки, додека противничката имаше 2/2. Во вкупниот број поени скорот беше 59:36.

Во второто коло македонската тенисерка која е рангирана како трета носителка ќе игра со победничката од мечот меѓу Унгарката Амариса Киара Тот и Владислава Андреевскаја од Казахстан.

Македонската тенисерка настапува и во конкуренција на двојки заедно со Ева Ведер од Холандија, каде се рангирани како втори носителки и во првото коло ќе играат против јапонските тенисерки Мајука Аикава и Фуна Козаки од Јапонија.