Кинвен Женг од Кина е втората финалистка на Австралија опен откако во полуфиналето ја победи Дајана Јастремска од Украина со 2-0 во сетови (6:4 и 6:4) за 97 минути игра.
Квалификантката од Украина Јастремска добро го почна мечот и направи брејк за водство од 2:0 во гемови, но Женг веднаш изедначи на 2:2. Клучниот брејк за освојување на сетот Женг го имаше во седмиот гем кога поведе со 4:3, а сетот го заврши со 6:4. Во вториот сет повторно имаше два брејка на стартот од сетот и резултатот пак беше 2:2, за повторно во 7. миот гем да има брејк за Женг што значеше и предуслов и овој сет да заврши со 6:4.
21-годишната тенисерка од Кина ќе го игра своето прво Гренд слем финале на еден турнир, a во моментов се наоѓа на 15.то место на ВТА ранг-листата и по финалето ќе успее да влезе во ТОП 10.
Двете финалистки Женг и Сабаленка имаат одиграно еден меч досега и го доби Сабаленка во 1/4финалето на УС опен во Њујорк.
Финалето во Мелбурн се игра в сабота наутро во 9:30 часот по македонско време.