Рафал Надал пропушти голема шанса да продолжи со победи неговото вражање на тениските терени. Шпанецот е елиминиран од АТП турнирот во Бризбејн каде играше по една година пауза поради повреда.

Еден од најдобрите играчи на сите времиња, кој сега е 672-ри на АТП листата, не успеа да се пласира во полуфиналето. Рафа во четвртфиналето беше поразен од Австралиецот, Џордан Томпсон, по голема борба која траеше три часа и 24 минута.

Австралиецот победи со 2:1, а во сетови беше 5:7, 7:6(6), 6:3.

Откако триумфира над Тим и Кублер, Надал беше многу блиску до победа на Томпсон. Шпанецот имаше три меч топки во вториот сет. Водеше со 6:4 на поени во тај-брејкот, домашниот тенисер врза четири поени и го освои сетот

Во третиот решавачки сет, очекувано Надал падна по толку отсуство од теренот. Томпсон го зголеми ритамот и го затвори овој меч со 6:3.

Томпсон во полуфиналето ќе се сретне со вториот носител Григор Димитров од Бугарија. Вториот полуфинален пар се состои од првиот семе Холгер Руне од Данска и Роман Сафиџулин од Русија.